Координациско тело на регулаторните институции за финансиска едукација и инклузија

Врз основа на Меморандумот за соработка потпишан на 19.12.2013 година помеѓу Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии на Република Македонија, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија како регулаторни институции на финансискиот сектор во Република Македонија, се формира Координациско тело на регулаторни институции во Македонија за финансиска едукација (во понатамошниот текст: Координациско тело). Целта на формирањето на Координациското тело е поттикнување, планирање и реализирање на активности коишто имаат за цел да го подигнат нивото на финансиска писменост на населението во Република Македонија.

Надлежности на Координациското тело

  • поттикнување на соработка помеѓу надлежните институции (регулатори) во доменот на финансиската едукација;
  • покренување иницијативи до надлежните институции и органи за донесување акти кои ќе ја поткрепат идејата за финансиска едукација на населението во Република Македонија;
  • соработка со училишта и високообразовните институции;
  • изработка стратегиски документи, како што е и документот Национална стратегија за финансиска едукација во Република Македонија;
  • дефинирање и предлагање  заеднички проекти за финансиска едукација;
  • разгледување индивидуални проекти коишто треба да започнат и да се спроведат и давање мислење за нив;
  • применување стандарди и препораки во согласност со меѓународно прифатените принципи на Г20, ОЕЦД, ИАИС и други меѓународни организации и институции;
  • организирање, спроведување и проценување анкети за нивото на финансиска писменост во Република Македонија;
  • организирање состаноци, работилници, семинари и други видови обуки со цел подигнување на финансиската писменост на населението во Република Македонија; и
  • промовирање регионална и интернационална соработка на сите потписници во финансиската едукација.

Потпишан нов меморандум за соработка во доменот на финансиската едукација и финансиската инклузија во 2019 година

Соработката меѓу потписниците согласно Меморандумот има за цел да ја подигне свеста кај населението за потребата од финансиска едукација во современото динамично окружување, како и согледување на предностите од финансиската инклузија. Со Меморандумот се очекува да се остварат следните цели:

  • Преку интегрирана визија, спроведување образовни проекти и заеднички заложби на потписниците, се очекува да се придонесе кон подигнување на нивото на финансиска писменост на населението и следствено подобрување на вештините и способноста за носење издржани финансиски одлуки во практиката;
  • Истовремено, соработката треба да овозможи подигнување на нивото на финансиска вклученост, преку зајакнување на сите аспекти на достапност, корисност, ефикасност и подобра информираност за финансиските услуги во земјата, како и соодветна информираност за правата на потрошувачите во финансискиот сектор. Зајакнувањето на финансиската едукација и подобрувањето на финансиската вклученост треба да овозможат оптимизација на услугите коишто ги нуди финансискиот систем заради поддршка на економскиот раст и општествената благосостојба;
  • Дополнително, преку овој меморандум се поттикнуваат, се планираат и се реализираат активности за соработка на регионален и меѓународен план со други организации и институции во доменот на финансиската едукација и финансиската инклузија.