Реализиран националниот натпревар на Европски квиз на пари

Близу 500 ученици од основните и средните училишта од целата земја, учествуваа на националниот натпревар на Европскиот квиз на парите, кој како и во другите европски земји се одржа преку електронската платформа Кахут (Kahoot!).

Квизот е проект на Европската банкарска федерација и има за цел да се мотивираат училиштата и наставниот кадар во Европа уште повеќе да вложуваат во финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години. Агенцијата за супервизија на осигурување како и останатите регулаторни институции секој во рамки на својата надлежност, даде безрезервна поддршка во подготвка на тестовите и прашањата во сегментот на осигурувањето и супервизијата на осигурување.

– Првото место го освои Едон Хамбари од основното училиште „Исмаил Ќемали“ од Скопје, под менторство на Мерита Таири

– Второто место го освои Андреј Шумански од основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ од Скопје, под менторство на Александра Бошковска-Спасовска.

– Третото место го освои Антонио Јорданоски основното училиште „Рампо Левката“ од Прилеп, под менторство на Илчо Јорданоски.

Заради состојбата со пандемијата на ковид-19, оваа година, националните натпревари во неколку европски земји, вклучително и во нашата, беа одржани на поинаков начин споредно со минатата година – со онлајн учество и преку индивидуален настап на учениците, без тимови. Пред одржување на натпреварот, со интерното тестирање во училиштата беа опфатени околу 5500 ученици, што потврдува дека во моментот ова и е најмасовен настан од натпреварувачко-едукативен карактер наменет за млади, којшто се организира кај нас.

Официјалното затворање на Европскиот квиз на парите за 2020 година ќе се одржи онлајн, на 16 јуни, со големо финале на англиски јазик на коешто покрај учениците, поканети се и менторите, родителите и сите други заинтересирани лица за финансиска едукација. На овој настан ќе бидат претставени победниците на националните натпреварувања за млади на возраст од 13 до 15 години, меѓу коишто е и Едон Хамбари а Европската банкарска федерација ќе го промовира и својот Извештај за финансиската писменост во Европа.

Искуствата што финансиските институции ги стекнуваат во текот на корона-кризата уште еднаш ја потврдуваат важноста на вложувањето во финансиската едуцираност и во поттикнувањето поголема финансиска инклузија на населението. Сите институции коишто учествуваат и го поддржуваат одржувањето на Европскиот квиз на парите во нашата земја продолжуваат со своите активности во оваа сфера, при што во димензионирањето на дел од активностите ќе се ползуваат и искуствата што се стекнуваат во овој период.

На победникот на националниот натпревар на Европскиот квиз на парите, како и на учениците коишто ги освоија второто и третото место и на нивните ментори ќе им бидат доделени пригодни награди.