Започна проектот за финансиска едукација на населението
Во периодот од 3-5 април, 2019 година се реализираше првата официјална мисија, во рамки на проектот за техничка помош за финансиска едукација на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Министерството за финансии на Холандија, којшто се одвива во седум земји од холандската конституенца при ММФ и Светската банка. Покрај Агенцијата за супервизија на осигурување, носители на овој петгодишен проект се и Комисијата за хартии од вредност, Министерството за финансии, Народната банка на Република Северна Македонија, и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Целта на проектот е градење на капацитетите за развој на финансиската едукација, како и изработка на национална стратегија за финансиско едуцирање на населението. Во рамки на посетата се одржаа две тркалезни маси на кои учествуваа претставници од приватниот сектор и претставните од регулаторните институции на финансискиот пазар, кои членуваат во Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација и финансиска инклузија. Претставниците на ОЕЦД остварија и работни средби со експерти од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука, како и со неколку меѓународни организации. Во претстојниот период, Агенцијата за супервизија на осигурување и другите институции како носители на техничката помош, ќе продолжат со континуирани активности во рамки на проектот и со заеднички заложби ќе придонесуваат кон градење на капацитетите за развој на финансиската едукација, изработка на национална стратегија за финансиска едукација и поголема инклузија.