Усвоена првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија
Корона-кризата води кон време на трансформација на традиционалните економии во попаметни, подигитализирани, инклузивни и позелени економии. Во таквите услови, кога финтек-услугите сѐ повеќе се дел од нашата реалност, потребата од повисоко ниво на финансиска писменост, како предуслов и за финансиска инклузија ќе биде и понагласена. Но, тоа подразбира и потреба од поголема активност за заштита на потрошувачите. Финансиските регулатори ги дочекаа подготвени ваквите предизвици – уште пред неколку години го започнаа процесот на подготовка на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, во рамките на петгодишниот проект за финансиска едукација со поддршка на Министерството за финансии на Холандија и Меѓународната мрежа за финансиска едукација при ОЕЦД (ИНФЕ-ОЕЦД). Денес, Стратегијата беше усвоена и промовирана. Таа се однесува на периодот 2021-2025 година и ја надминува целта на проектот во чиишто рамки е првично подготвувана, бидејќи се однесува не само на финансиската едукација, тука и на финансиската инклузија, имајќи ја предвид нивната меѓусебна условеност и поврзаност.
На настанот, по повод нејзиното усвојување, се обратија претставници на сите финансиски регулатори – гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и комисионерот на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Кирил Јовановски.
„Финансиската едукација е и во основата на финансиската стабилност, особено по глобалната финансиска криза од 2008/9 година, којашто во голем дел беше последица на зголемени ризици заради лоши финансиски одлуки. Но, процесот на финансиска едукација не може да се одвива стихијно. Тој бара информации, насоки, совети, но пред сѐ систематизиран пристап. Затоа е потребен координиран пристап на национално ниво, односно стратегиска рамка којашто го препознава значењето на едукацијата, овозможува инклузија и координираност на сите релевантни страни и дефинира мапа на активности за ефективно постигнување на целите. Тоа нѐ носи до Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто денес ја усвојуваме. Стратегискиот и систематски пристап кон прашањето на финансиската едукација е уште поважен во ова ново време на револуција во областа на финансиските услуги (финтек).“ – истакна на почетокот на своето излагање, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по што и се осврна на одделни активности предвидени со Стратегијата.
Таа напомена дека за соодветно осмислување на Стратегијата, клучен предуслов беше оценката на тековното ниво на финансиска писменост, заради што беше иницирано и првото мерење на нивото на финансиската писменост според методологијата на ОЕЦД, според кое населението кај нас оствари 56% од максималната вредност, што се потврди и при второто мерење спроведено во рамките на проектот. Ова ниво е споредливо со земјите од регионот, но сепак во споредба со развиените земји укажува на значителен простор за подобрување.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими посочи дека Стратегијата е важна од две причини: прво, бидејќи финансиската едукација и инклузија се основа за стабилноста на финансискиот систем и второ, за да се остварат позначајни резултати на ова поле, потребно е да се дејствува по принципот СМАРТ, односно да се постават јасни цели, добра стратегија и план за остварување.
„Со добро координиран процес на финансиска едукација, којшто ќе ги опфати и институциите и приватните субјекти коишто можат да дадат придонес, на среден рок може да се постигнат навистина подобри резултати во поглед на финансиската едуцираност на населението. Со тоа ќе се подобри ефективноста на нивното учество во финансискиот сектор, а истовремено и ќе се заштитат како потрошувачи кои имаат повеќе и подобри информации. Преку користењето на добрите искуства за унапредување на финансиската инклузија, може да се олесни пристапот за финансии за повеќе категории. Зголемувањето на финансиската инклузија е од особено значење за економијата, бидејќи обезбедува пристап до капитал, што повлекува инвестиции и потрошувачка, што, пак, доведува до зголемена економска активност.“ – истакна министерот за финансии, Бесими.
Министерот посочи дека од аспект на подобрување на пристапот до финансиски услуги, наскоро ќе започне со работа Гарантниот фонд преку кој ќе се спроведе државната гарантна шема, којашто ќе го олесни пристапот до капитал за малите и средните претпријатија. Фондот, од една страна, ќе придонесе за понуда на нови продукти во финансискиот систем со помал ризик за банките и штедилниците, а од друга страна, ќе обезбеди пристап до капитал за оние коишто најтешко доаѓаат до кредити, односно малите и средните претпријатија.
Претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски, истакна дека забрзувањето на процесот на финансиската едукација и инклузија е особено битен доколку се има предвид ниското ниво на развиеност на осигурителниот пазар во сегментот на финансискиот систем.
„Донесувањето на Стратегијата како формален документ ќе овозможи остварување на нашите заеднички цели, како што се обезбедување раст и развој на финансискиот пазар, широка распространетост и достапност на финансиските услуги до секоја индивудуа, семејство, мал или голем бизнис, државниот сектор и сето тоа, по фер цени. Секако дека ваквата намера ќе се спроведе само доколку обезбедиме функционирање на здрави финансиски институции коишто се раководени и контролирани од стручен кадар, кој успешно го балансира остварувањето на целите водени од интересот за остварување профит, од една страна, и обезбедувањето квалитет на понудените финансиски услуги и фер однос кон корисниците на финансиски услуги, од друга страна.“ – порача Шајноски.
„Водејќи се од основното начело дека финансиската едукација е долгорочна инвестиција за целото општество и за државата, како и за поединецот кој полесно и посигурно ќе може да донесува финансиски здрави одлуки и поквалитетно да живее, убеден сум дека со усвојувањето на Стратегијата како сеопфатен документ, обезбедуваме мудро и ефикасно планирање на сите наши идни активности и ресурси во делот на развивањето на финансиската едукација и финансиската инклузија на целокупното население во нашата држава, притоа ставајќи посебен акцент на младите како најзначајна целна група. Токму затоа, МАПАС смета дека од особена важност е вклучувањето на невладиниот и на приватниот сектор во спроведувањето и остварувањето на целите на Стратегијата. На тој начин ќе обезбедиме посеопфатна финансиска едукација и зголемена финансиска инклузија на населението.“ – истакна претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али.
„Во услови на глобализација, поради големиот избор и достапност на финансиските производи, финансиската писменост станува еден од приоритетите на носителите на економските политики. Имено, треба да се истакне дека способноста за обработка на бројните информации се зголемува со подигнувањето на нивото на разбирање на сложените финансиски инструменти. Притоа, треба да се прифати дека инсистирањето на јасност и висока транспарентност од страна на учесниците во финансискиот систем треба да биде проследено со соодветно разбирање од оние за кои се бара транспарентноста. Покрај тоа, засилувањето на финансиската едукација и инклузија ќе значи и зголемување на придонесот на финансискиот сектор во економскиот развој. Имајќи го сето ова предвид, КХВРСМ истакнува дека со сите свои капацитети ќе се залага за подигнување на финансиската писменост, особено за прашањата поврзани со пазарот на хартии од вредност.“ – истакна Кирил Јовановски во име на КХВ.
Со Стратегијата, меѓу другото, се предвидува развивање посебни образовни програми за различни возрасни групи на населението, од најмлади до возрасни, имајќи го предвид сфаќањето за едукацијата како процес во текот на целиот животен век и особено динамичноста на финансиите во денешно време. Образовните програми треба да бидат конципирани согласно со Основните компетенции за финансиска едукација, како посебен документ предвиден со Стратегијата, којшто е веќе во изработка. За градење рамка којашто ќе обезбеди соодветна координација на активностите, размена на информации, како и квалитетна, објективна и непристрасна финансиска едукација од сите потенцијални даватели, веќе се изработува Кодекс на добри практики за финансиска едукација, со вклученост на регулаторите, приватните финансиски институции и граѓанските здруженија. Следењето на спроведувањето на предвидените активности би се одвивало преку работна група со вклучени претставници од регулаторите, приватниот и граѓанскиот сектор, со што ќе се зајакне соработката и ќе се овозможи оптимална распределба на расположливите ресурси кон поставените цели.
Во следниот период, посебно внимание ќе им се посвети на активностите во однос на заштитата на потрошувачите, во одделните финансиски сегменти, којашто исто така е во прилог на поголема финансиска инклузија во иднина. Дел од предвидените активности во доменот на заштитата на потрошувачите се на страната на регулаторите, а дел на страната на приватниот финансиски сектор, што уште еднаш упатува на неопходната соработка, како предуслов за успешно спроведување на предвидените активности. Предвидено е разгледување на алтернативните можности за разрешување на евентуалните спорови со потрошувачите, вклучително и разгледување на можноста за воспоставување Омбудсман, односно Народен правобранител за финансискиот сектор.
Согласно со Стратегијата, соодветно внимание треба да им се посвети и на зголемувањето на транспарентноста во работењето и во објавувањето податоци за финансиските услуги од страна на приватниот финансиски сектор, вклучително и на стандардизацијата на објавените податоци за ист вид услуга.