АСО донесе Правилник за надомест на штета во функција на подобра заштита на правата на осигурениците.

Со овој Правилник се пропишуваат минималните барања за прием, обработка, резервација и исплата на барање за надомест на штета од страна на друштвата за осигурување  во функција на подобра заштита на правата на осигурениците.

Согласно Правилникот друштвата за осигурување се должни при обработка на штетите да постапуваат навремено, фер и транспарентно.  Друштвото за осигурување е должно да ги објави на својата веб страница листата на потребна документација и обрасците за поднесување на барање за надомест на штета.

Најдоцна во рок од 14 дена од денот на поднесување на барањето за надомест друштвото е должно да провери дали барањето е комплетно од аспект на документација која ја доставува подносителот на барањето за надомест и да изврши извид (увид) и проценка на оштетувањата односно повредите.  Доколку барањето за надомест не е комплетно, друштвото за осигурување е должно по писмен или електронски пат да побара од оштетениот да ја достави потребната документација.

По извршената обработка на барањето за надомест, друштвото за осигурување е должно не подолго од 60 дена од приемот на барањето, до оштетениот да достави:

  • образложена понуда за надомест на штета доколку обврската на друштвото за осигурување и висината на штетата не се спорни;
  • образложен одговор по однос на сите точки на барањето за надомест, доколку обврската на друштвото за осигурување е спорна; или
  • образложен одговор по однос на сите точки на барањето за надомест, доколку висината на штетата е спорна.

Незадоволниот оштетен има право на приговор до Друштвото во рок од 30 дена од прием на образложението и Друштвото за осигурување е должно во рок од 30 дена од поднесување на приговорот да одлучи и одговори. Друштвото за осигурување со одговорот по доставен приговор е должно да го извести оштетениот за правото на поднесување на приговор (претставка) до Агенцијата за супервизија на осигурување (pretstavki@aso.mk) или отпочнување на друга постапка.

Доколку оштетениот побара информација од друштвото за осигурување во врска со своето барање за надомест кое е во процес на решавање или за претходно доставено барање за надомест, друштвото за осигурување е должно да му ја обезбеди таа информација во рок од 8 работни дена од прием на барањето на информација.

Клик за повеќе информации!