АСО во соработка со ОЕЦД: Осигурителните регулатори преку размена на искуства до подобра финансиска писменост и заштита на осигуреници
Размената на искуства и добри практики со цел зголемена заштита на осигурениците и континуирано подигнување на нивото на нивната финансиска едукација се клучните теми на кои разговараа претставници на осигурителните регулаторни тела на земји од Југоисточна Европа, осигурителната индустрија и други вклучени страни на денешната сесија организирана од македонската Агенција за супервизија на осигурување (АСО) и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со поддршка на Министерството за финансии на Кралството Холандија во рамки на проектот за финансиска едукација.
На денешната он-лајн конференција со назив „Искуства и практики“ организирана во пет сесии повеќе од педесетина учесници од земјава и од државите од Југоисточна Европа беа презентирани искуства, резултати од анализи за политиките, мерките и алатките кои осигурителните регулатори ги користат за заштита на осигурениците.
Воедно се разговараше и за ефектите од активностите за подигање на нивото на финансиска едукација и вклученост на населението во финансиските текови во земјите од ЈИЕ. Свое место на настанот доби и сесија за ефектите кои ги наметна здравствената пандемија и мерките кои ги превземаат регулаторните тела за заштита на осигурениците.
Заштитата на правата на потрошувачите, заедно со финансиската едукација и пристапот до финансиски услуги, претставува основа за поголема финансиска инклузија. Заштитата на потрошувачите вклучува: обезбедување точни и навремени информации до потрошувачите за донесување одлуки врз основа на информации, непостоење нефер и измамнички практики во договорите, како и пристап до механизми за решавање на настанатите повреди на потрошувачките права.
Финансиската едукација и заштитата на потрошувачите т.е. осигурениците се активности на кои АСО дава приоритет и континуирано ги превзема во рамки на своите надлежности за развој на осигурителниот пазар како и подигнување на свеста на јавноста за улогата на осигурување. При тоа АСО посветува особено внимание на поттикнување на соработката помеѓу релевантните институции и соработка со други инстанци преку спроведување едукативни програми и активности за поддршка и подобрување на финансиската писменост кај населението. На меѓународен план АСО активно учествува во билатерални и во мултинационални проекти за финансиска писменост и вклученост.
АСО во соработка со другите финансиски регулатори: Народна банка , Министерство за финансии, МАПАС и КХВ усвои заедничка национална стратегија за финансиска едукација вклученост на населението. Тоа е стратешки национален документ кој ги идентификува целите на регулаторните тела ги препознава приоритетите за делување и утврдува динамика, мерки и активности за подигање на финансиската писменост на населението, нивна вклученост и заштита на нивните права кои произлегуваат од користење на спектарот финансиски услуги меѓу кои е и осигурувањето.