Со денешната посета на ООУ „Круме Кепески“ во Скопје ги заокруживме активностите во рамките на “МАЈ – месецот на финансиска едукација за зајакнување на финансиската свест кај младите”
Во пријатна и позитивна атмосфера, заедно со учениците од осмо одделение реализиравме интерактивна работилница на тема „Финансиската едукација и осигурувањето“. Осмоделенците позитивно не изненадија со своето познавање на основните финансиски поими како што се буџетирање, штедење, осигурување, поимите осигуреник, осигурител, премија.


Особено сме горди на нивната активност и точните одговори на прашањата од квизот „Колку знаеш за парите и осигурувањето?“, кој го реализиравме како дел од работилницата. Преку разговор и дискусија, учениците покажаа искрена заинтересираност за темата и изразија желба за поголема застапеност на финансиска едукација во нивното училиште. Со задоволство подаривме едукативна игра на училиштето која е одлична алатка за подобро разбирање на поимите за ризик, заштита и планирање која ќе биде од голема корист во работата со учениците и подигањето на свеста за важноста на осигурувањето. Младите имаат голем потенцијал да бидат двигатели на финансиската писменост во општеството. Нивната енергија, креативност и способност за користење на модерните технологии може да го олеснат ширењето на знаењето и да помогнат во создавање на финансиски писмена генерација.
Голема благодарност упатуваме и до наставниот кадар на училиштето за поддршката и за поканата за продлабочување на соработката.
Нашата мисија за зголемување на финансиската едукација кај младите продолжува идната школска година со уште поголема мотивација, инспирирана од ваквите успешни и позитивни средби!