Потребни се појасни, прилагодени информации за потрошувачите за да се спречи „илузија за осигурување“ за покривање на ризик од природни катастрофи (NatCat)- Резиме од анализата на ЕИОПА – Европскиот орган за осигурување и професионални пензии
Со цел да се обезбеди транспарентност и корисни информации за јавноста и субјектите на пазарот, Агенцијата за супервизија на осигурување го објавува резимето од анализата спроведена од Европскиот орган за осигурување и професионални пензии (ЕИОПА). Анализата ги претставува наодите околу клучните области: Степенот и квалитетот на информациите презентирани во информативните документи (IPID); Дали ограничувањата во полисата се јасно објаснети; Како осигурителите ги следат и разгледуваат производите во контекст на настаните од NatCat; Иницијативите што ги воведуваат друштвата за осигурување за подигање на свеста на потрошувачите за покритието од природни катастрофи (NatCat).
Во анализата се истакнува важноста за појасни и прилагодени информации за потрошувачите, за ризиците од природни катастрофи опфатени со договорите за осигурување. Од анализата на информативните документи за осигурителните производи (IPID) и условите на полисите, произлегува дека иако многу осигурители покажуваат добри практики во обезбедувањето основни информации, сè уште има простор за подобрување за да им се помогне на потрошувачите да донесат поинформирани одлуки.
Природните катастрофи низ Европа стануваат сè почести и поштетни поради климатските промени, ставајќи ги неосигурените домаќинства во ризик од значителни загуби од екстремни временски настани. Во исто време, статистиката на ЕИОПА покажува дека само околу една четвртина од загубите од природни катастрофи на континентот биле осигурени во последните децении. Во 2024 година само 18% од домаќинствата имале покритие за ризици од природни катастрофи.
Јазот во заштитата делумно се должи на тоа што некои бизниси и домаќинства избираат да не склучуваат осигурување од природни катастрофи, дури и кога е достапно вакво осигурување. Исто така, нејасното обезбедување информации придонесува за овој јаз, наведувајќи ги потрошувачите погрешно да претпостават дека се заштитени од ризици од природни катастрофи феномен познат како „илузија за осигурување“.
Во овој контекст и со оглед на важноста од имање точни информации за обемот на покритието, ЕИОПА спроведе анализа на информативните документи за осигурителни производи (IPID) и условите за осигурување во осум европски земји. Анализата идентификуваше бројни добри примери каде што осигурителните друштва даваат доволно и точни информации за потрошувачите да можат да донесат информирани одлуки за тоа дали им е потребно дополнително покритие притоа без да ги оптоваруваат. Тие вклучуваат, на пример, употреба на јасна формулација, добро дефинирана таксономија на опасностите од природни катастрофи (NatCat) што лесно може да се пронајде во условите, структуриран процес на преглед на IPID и употреба на дигитални алатки за водење на потрошувачите низ процесот на купување, но исто така, има и простор за подобрување во однос на покритието на осигурувањето и исклучоците. Анализата открива дека некои од анализираните информативни документи за осигурителни производи (IPID) користеле нејасен, двосмислен и недоследен јазик или премногу се потпирале на посебни документи (на пр. услови за осигурување), што им отежнува на потрошувачите да го разберат целиот обем на покритие и применливите исклучоци. Дефинициите за настани од природни катастрофи, исто така, варираат многу кај осигурителите или се само делумно објаснети. На пример, некои IPID наведуваат општо покритие за „поплава“, но ги исклучуваат сите поплави поврзани со врнежи од дожд без експлицитно да го наведат ова. Дополнителните опции за покритие понекогаш не се јасно претставени како опционални, давајќи им на потрошувачите погрешен впечаток дека ризиците од природни катастрофи се автоматски вклучени.
Сепак, анализата, исто така, ги истакнува областите за потенцијално подобрување за да се обезбеди дека потрошувачите разбираат дали се покриени или не и за кои опасности од природни катастрофи (NatCat). Ограничувањата за покритие – без разлика дали се географски, поврзани со фреквенцијата или поврзани со видот на опасност или големината на штетата – исто така, не биле редовно јасно откриени. На пример, некои производи нудат исплати за штети од град само еднаш на секои пет години без да го наведат овој услов во информативните документи за осигурителни производи IPID и сл.
За целосната анализа, пристапете преку следниот линк
Со оваа објава Агенцијата за супервизија на осигурување продолжува со својата определба за транспарентност, информираност и поддршка на развојот на професионалната заедница.