Прашања и одговори
Што е франшиза?
Франшиза е учество на осигуреникот во штетата. На пример доколку пријавената штета е проценета на 1000 евра, а франшизата во полисата е 200 евра, тогаш осигурителната компанија ќе покрие 800 евра од штетата (вкупниот износ намален за франшизата).
Какви видови на штета разликуваме?
- Материјална штета претставува онаа штета што се појавува како неповолен резултат врз имотните права и правно заштитените имотни интереси (на пример: кршење на фарови на автомобилот, кршење на предна шофершајбна, смачкана предница и сл.). Матерјалната штета може да биде обична штета и изгубена добивка. Обичната штета е намалување на вредноста на имотот а изгубената добивка е спречување имотот да се зголеми. На пример: кај сообраќајна незгода скршен фар е обична штета, а ако тој ден поради незгодата такси возилото нема да биде користено во промет такси возачот ќе претрпи и губење на добивка од тоа што не работел.
- Нематеријалната штета претставува неповолниот резултат на штетното дејствие што се одразува на личните добродетели на оштетениот (на пример: физички болки, намалување на животната активност, нагрденост, смрт на блиско лице и сл.).
Кој има право на надомест на штета во случај на сообраќајна незгода?
Имателите на моторни возила склучуваат договор за осигурување од автомобилска одговорност, односно од одговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз. Право за надомест на штета имаат сите лица кои се наоѓаат во возилото кое ја предизвикало незгодата, и сите лица кои се наоѓаат во другите возила кои учествувале во несреќата, како и пешаците. Од правото на надомест на штета Законот за задолжително осигурување во сообрајќајот ги исклучува: лицето кое управувало со моторното возилото со чија употреба е предизвикана незгодата; сопственикот, сосопственикот, договорувачот на осигурувањето и секој друг корисник на возилото кој во моментот на настанување на незгодата не управувал со моторното возило со чија употреба е предизвикана незгодата, но само за износот на штета поради уништување или оштетување на предмети; лицето кое на нелегален начин присвоило моторно возило, како и соучесникот во нелегално присвојување на моторно возило, со чија употреба е предизвикана незгодата, без разлика дали истото управувало со моторното возило во моментот на настанување на незгодата и лицата кои штетата ја претрпеле како резултат на:
– употреба на моторно возило во спортски приредби за кои е добиена официјална согласност и на кои е потребно да се постигне максимална
брзина и
– употреба на моторното возило во терористички акт или воени операции дефинирани согласно со Кривичниот закон.
Каков е растот на дополнителното здравствено осигурување во изминатава година?
Бројот на граѓани кои купиле полиси за здравствено осигурување во 2020 година се зголемил за 5 пати во споредба со 2019 година. Лани 114.559 осигуреници имале полиси за здравствено осигурување, а во 2019 година полиси имале 21.398 лица. Вредноста на бруто полисираната премија лани изнесува 4,45 милиони евра и тоа е за 44,8 отсто повеќе од 2019 година.
Влијание врз растот на продажбите на осигурителни полиси за здравствено осигурување лани има здравствената пандемија предизвиката на вирусот COVID 19, но и добрите корпоративни практики на се повеќе компании кои купуваат полиси за здравствено осигурување за своите вработени.
Дали лице има право да склучи договор за доброволно приватно здравствено осигурување со две осигурителни компании, и доколку настане штета дали ќе добие надоместок од двете осигурителни компании?
Договор за осигурување може да се склучи со две друштва за осигурување. При купување на договор внимателно треба да се читаат УСЛОВИТЕ за осигурување на друштвото кои се составен дел на договорот (во истите е опишано како се склучува договор, обемот на осигурителното покритие, исплата на надомест, обврски на осигурувач, обврски на осигурено лице, начин на решавање на штета и сл.).
Во врска со исплата на надомест на штета, Осигурувачот се обврзува да го исплати надоместот на осигуреникот односно на законскиот застапник на осигуреникот за трошоците согласно Условите врз основа на приложените сметки, во рок од 14 дена од денот на прием на барањето за надомест со потребната документација. Осигуреникот има право на надомест на трошоците за здравствени услуги покриени со договорот за осигурување. Согласно принципите на осигурувањето потребно е да се има предвид дека надомест на трошоците за здравствени услуги Осигуреникот може да добие за иста фактура само од едно друштво.
На договор за осигурување склучен по овие Услови се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи, Законот за супервизија на осигурувањето, Законот за здравствено осигурување, Законот за доброволно здравствено осигурување и Законот за здравствена заштита како и подзаконските акти поврзани со законите од здравствената област.