ПРАВА НА ОСИГУРНИЦИ

Доколку сте незадоволни од постапувањето на друштвото за осигурување или сметате дека друштвото за осигурување не се придржува до одредбите од договорот (полисата) за осигурување, првиот чекор секогаш треба да биде поднесување на приговор до друштвото за осигурување, и тоа во писмена форма.

При тоа, пред да превземете какви било други понатамошни дејствија, треба да почекате да добиете писмен одговор од друштвото за осигурување, кое е должно истиот да Ви го достави во рок од 30 дена од денот на поднесување на приговорот.

Друштвата за осигурување, во согласност со закон, се должни да имаат соодветна организациона единица (тело) надлежно за решавање на спорови како и да имаат развиено интерни постапки и процедури за вонсудско решавање на спорови.

Доколку не добиете одговор од друштвото за осигурување или доколку вашиот приговор е одбиен од друштвото и сметате дека друштвото не постапува во согласност со  одредбите од законите или подзаконската регулатива во надлежност на Агенцијата за супервизија на осигурување (Агенција),  можете да доставите претставка до Агенцијата.

Претставка до Агенцијата може да поднесете и доколку сметате дека некој од субјектите кои вршат работи на застапување или посредување во осигурување не постапува во согласност со неговите обврски кои се утврдени во законската и подзаконската регулатива.

Претставката може да ја доставите (лично или по пошта) до Агенцијата или по електронски пат (на e-mail: pretstavki@aso.mk).

Претставката се поднесува со пополнување на пропишан образец заедно со кој е потребно да ја приложите  документацијата поврзана со конкретната претставка.

Агенцијата НЕ Е ТЕЛО ОВЛАСТЕНО ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ ниту е овластена да арбитрира во прашања поврзани со имотно правни односи кои може да произлезат од поединечен договорен однос (склучен договор за осигурување).

 

Агенцијата НЕ Е ОВЛАСТЕНА да постапува по претставки кои се однесуваат на:

–        основот на отштетното побарување (дали друштвото прифаќа дека има обврска по склучениот договор за осигурување) и

–        висината на отштетното побарување (износот на настанатата штета).

 

Одлучувањето за прашања поврзани со имотно-правни односи во кои е спорен основот или висината на настанатата штета е во надлежност на правосудните органи.

 

Агенцијата Е ОВЛАСТЕНА да врши проверка на евентуални пропусти, неправилности и неусогласености во посапувањето од страна на друштвата за осигурување а доколку постојат индиции за постапување на друштвата за осигурување во спротивност на законите или подзаконската регулатива, Агенцијата ќе спроведе постапка на супервизија, ќе изрече соодветни мерки на супервизија во согласност со Законот за супервизија на осигурување а доколку е потребно ќе даде препораки до друштвата за осигурување во насока на превенција и спречување на слични ситуации во иднина.

Агенцијата не разгледува претставки за кои се води судска постапка или за нив веќе е донесена судска одлука или е во тек друга постапка. Агенцијата не постапува по анонимни претставки.

Доколку Агецијата утврди дека претставката се однесува на основот и висината на отштетното побарување, Агенцијата не постапува по добиената претставка и за тоа го известува подносителот на претставката со упатување неговите права да ги оствари пред надлежен суд.

Доколку во постапката помеѓу клиентот/осигуреник/договарач и друштвото за осигурување дојде до вештачење, Агенцијата не е надлежна да ги оценува наодите и мислењата на вештаците, а фактите и околностите утврдени во овие наоди може единствено да се користат во судска постапка.

Доколку утврди дека е овластена да постапува по конкретната претставка, Агенцијата добиените претставки ги разгледува во постапка утврдена во Правилникот за начинот на постапување по претставки од осигуреници, корисници на осигурување и трети оштетени лица.

Агенцијата на подносителот на претставката му доставува писмен одговор во рок од 30 дена од денот на прием на претставката.

Писмениот одговот (известувањето) што ќе го добиете од Агенцијата по однос на Вашата претставка не претставува управен акт со кој се одлучува за Вашите права, обврски и интереси во смисла на Законот за општата управна постапка.

 

Конечен начин за остварување на Вашите права по пат на докажување на одговорноста, висината на настаната штета и обврските на осигурувачот претставува покренување и водење на судска постапка против друштвото за осигурување.

 

Евентуалните супервизорски мерки кои Агенцијата ќе ги преземе против субјектите не се соопштуваат на подносителот на претставката

Facebook
LinkedIn
Instagram