Од 21-27 март, 2022 година ќе се одбележи десеттото издание на Глобалната недела на пари

На светско ниво, Глобалната недела на пари се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година заради пандемијата, при што од 2021 година се одржува во организација на ОЕЦД. Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 175 земји во светот, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските, државните и образовните институции.

Целта на Глобалната недела на парите е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на финансиската писменост и едукација, со што ќе се помогне тие да станат свесни за своите финансиски права, ќе им се олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе се развијат нивните финансиски вештини.

Финасиската едукација е составен дел од мисијата на АСО и традиционално, и оваа година ќе се вклучиме во прославување на Глобалната недела на пари и ќе ја промовираме финансиската писменост во нашата земја преку настани, публикации и партнерства. Сите активности се во насока да ја подобрат финансиската писменост преку подобра финансиска едукација.

Агенцијата ќе земе учество преку бројни активности на повеќе нивоа: промовирање на корисни содржини и давање совети на осигурениците преку порталот за едукација со акцент за заштита на нивните права и интереси, споделување на корисни и навремени информации преку интернет страната и социјалните мрежи, едукативни прашалници, анкети, организирање квиз, едукативни онлине предавања, ТВ настапи, промоција на добрите практики во доменот на финансиската едукација и финасиската инклузија, промовирање на улогата на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување во финансиската едукација со цел да стане дел од нивното добро работење во однос на нивните финансиски клиенти, поттикнување на отчетноста и одговорноста на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување, не само во обезбедувањето информации и совети за финансиски прашања, туку и во промовирањето на финансиската свест на клиентите.

Оваа е одлична можност со свои активности и идеи да се вклучат сите учесници на осигурителниот пазар.

https://globalmoneyweek.org/regions/mena/11-partners.html

https://edukacija.aso.mk/%d1%84%d0%b8%d0%bd%d0%b0%d0%bd%d1%81%d0%b8%d1%81%d0%ba%d0%b0-%d0%b5%d0%b4%d1%83%d0%ba%d0%b0%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0/