Финансиските регулатори ги претставија „Компетенциите за финансиска писменост“ пред приватниот, граѓанскиот сектор и претставниците на ИНФЕ (ОЕЦД)
Тимовите на финансиските регулаторни тела за подигнување на финансиската писменост, на онлајн средба што се одржа вчера, ги презентираа Компетенциите за финансиска писменост популарно наречениот „финансиски буквар“ пред претставниците на ИНФЕ-ОЕЦД, приватниот и граѓанскиот сектор.
„Финансиски буквар“ всушност е сет од основни компетенции за финансиската едукација коишто ги опфаќаат основните знаења, вештини, ставови, мотивации и однесувања во однос на финансиите што би требало да ги поседуваат лицата во различни фази од животот. Рамката за финансиски компетенции може да ја користат различни организации и институции во земјата (финансиски регулатори, граѓански организации, приватни финансиски институции и други институции и организации) коишто обезбедуваат финансиска едукација на различни возрасни групи од делокругот на нивното работење, или пошироко од областа на личните финансии. Основните компетенции имаат за цел да послужат како основа при изготвувањето едукативни програми за различни возрасни групи од областа на личните финансии од страна на сите вклучени даватели на образовни услуги во рамките на неформалното образование. На овој начин се обезбедува темите да бидат приспособени на возраста, како и да се води сметка за вклучување различни релевантни теми, согласно сè поголемите потреби за финансиска едукација.
Претставници на ИНФЕ-ОЕЦД ја пренесоа нивната експертиза во однос на евалуацијата на едукативните програми за финансиска едукација и евалуацијата на националните стратегии за финансиска едукација на меѓународно ниво. Во овие рамки, се разговараше за значењето на евалуацијата на едукативните програми од страна на давателите на финансиска едукација, како основа за нивно подобрување и приспособување на потребите на населението
Овие средби овозможуваат редовен дијалог помеѓу регулаторите, субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор вклучени во активности за финансиска едукација, како и размена на предлози и искуства за зајакнување на финансиската едукација и инклузија во земјата. Се очекува дека во иднина со овие состаноци на Работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија ќе се поттикнат давателите на финансиска едукација да ги унапредат постојните едукативни програми во неформалното образование, а воедно и дека други компетентни организации ќе се приклучат кон иницијативата за координиран пристап во изведувањето на едукативните активности за финансиска едукација во земјатa.
На вториот состанок на работната група за следење на спроведувањето на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија присуствуваа претставниците за АСО, КХВ, МАПАС, Централната банка, Министерството за финансии, претставници од осигурителниот и банкарскиот сектор како и претставници од граѓанскиот сектор.