Книга за паметно управување со парите

Публикацијата „Паметно управување со парите – Водич за личните финансии“, напишана на едноставен и разбирлив јазик, има за цел да го информира населението дека е потребно паметно да се управува со финансиските средства за да се постигнат посакуваните цели во животот. Водичот е наменет за пошироката јавност, при што на едноставен начин ги доближува основните концепти и поими од областа на управувањето со личните финансии до помладите генерации и до лицата коишто немаат формално економско образование.

Превземи ја книгата

Имено, водичот дава објаснување за тоа како може мудро да се управува со парите, како да се подготват финансиските планови и да се следи нивното остварување, да се биде претпазлив и да не се влегува во финансиска презадолженост, внимателно да се користат средствата земени со кредит и кредитните картички и редовно да се отплаќаат обврските. Водичот ја објаснува улогата на банкарските производи и услуги, финансиските инвестиции, осигурувањето и пензионирањето. Водичот ги наведува основните финансиски инвестиции, ги објаснува банкарските депозити наспроти вложувањата во хартии од вредност, но не навлегува подетално во одделни стручни аспекти за тоа кое е оптималното портфолио во дадени околности, што би било предмет на обработка на стручната литература од оваа област. Водичот се фокусира и на преземање контрола врз личните финансии
денес и во иднина, бидејќи начинот на кој се користат парите денес ќе има влијание врз животот во иднина. Воедно, овој водич порачува дека треба да сме финансиски подготвени за да се соочиме со можни непредвидливи ситуации и околности во текот на животот. Водичот е приспособен на финансискиот систем на Република Македонија и поблиску ја објаснува улогата на најзначајните финансиски институции.
Накратко, овој водич има за цел да го развие чувството за управување со парите од страна на поединците и домаќинствата во Република Македонија и следствено, да придонесе за подигнување на нивото на финансиската писменост на населението