Целаковски: Финансиската едукација е алатка за поголема заштита на осигурениците

Извор: faktor.mk

Договорот за осигурување е двојно обврзувачки договор и согласно овој договор страните имаат права, нo исто така имаат и обврски. Пред да се купи договор за осигурување треба секој потрошувач да ги знае основните поими од осигурувањето како и да ги побара, да ги слушне основните информации.

Во новиот краток поткаст од серијалот за финансиска писменот на Фактор гостува Ратка Целаковски од Агенцијата за супервизија на осигурување која открива колку е важно корисниците на осигурување да бидат правилно и навремено информирани за условите на осигурувањето.

„Финансиската едукација му помага на потрошувачот подобро да ги разбере финансиските концепти,  односно подобро да разбере еден финансиски производ, подобро да ги разбере неговите карактеристиките, да научи како да ги планира своите лични и семејни буџети согласно сопствените потреби“, порачува Ратка Целаковски од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Финансиската едукација му овозможува на потрошувачот да управува со финансиските ризици со цел да избегне финансиска стапица.

„Ние гледаме на финансиската едукација како алатка за поголема заштита на осигурениците, стимулирање на побарувачката на осигурителни производи и услуги, и одговорно однесување на осигурителните субјекти. Затоа делуваме на повеќе нивоа, превентивно делување во доменот на директна и индиректна супервизија. На тој начин овозможуваме функционирање на здрави осигурителни субјекти, управувани, раководени и контролирани од стручен кадар”, вели таа.

Кога се купува договор за осигурување потрошувачот треба да знае дека осигурителот треба да го информира на јасен и транспарентен начин.

„Тоа значи дека треба совесно да му укаже на сите карактеристики во врска со осигурителниот производ, да му ги предочи општите и посебните услови на осигурување, да му ги предочи кои се обврските, начинот на плаќање на премија, понатаму да му предочи дека потрошувачот доколку е незадоволен има право на жалба”, вели претставничката на АСО.

Осигуреникот може да поднесе поплака или жалба прво до друштвото за осигурување, а понатаму и до Агенцијата за супервизија на осигурување.

Х.С.

 

Извор: faktor.mk