Едукативна работилница за средношколци: АСО со поддршка на младите во учење на финансиска писменост и осигурување

Финансиската писменост не е привилегија – туку право на секој граѓанин – беше насловот на денешната едукативна презентација што тимот на Агенцијата за супервизија на осигурување ја одржа со матурантите од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје.

Настанот се реализира во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, при што АСО спроведува едукативни активности насочени кон подигнување на финансиската писменост кај младите, со посебен фокус на улогата на осигурувањето како важен инструмент за финансиска заштита и управување со ризици.

 

Преку интерактивна дискусија, учениците се запознаа со улогата и надлежностите на АСО, разговараа за значењето на осигурувањето и носењето информирани финансиски одлуки, како и за правата на осигурениците и важноста од информирано користење на финансиските услуги. Посебен интерес предизвикаа темите за осигурување од незгода и патничко осигурување, како полиси најчесто користени од страна на младите.

Клучни поенти од посетата:

  • Разбирање на основите на осигурувањето и управување со ризици,
  • Активно учество и интерес од учениците преку активна дискусија,
  • Претставени реални примери за заштита од ризици,
  • Вклученост и поддршка од наставниот кадар,
  • Зајакната соработка меѓу АСО и училиштето.

Учениците едногласно истакнаа дека финансиската едукација треба да биде дел од образовниот систем и дека ваквите предавања придонесуваат за зголемување на свеста и создавање култура на осигурување.