Актуарството како професија

Актуарот е баран стручен профил, а потребите на осигурителниот пазар се поголеми од сегашната понуда на актуари. Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), по десет години пауза, распиша оглас за обука и полагање испит за актуари, кој е активен до петок и е достапен на веб страницата на АСО на следниот линк.

Актуарството е една од најценетите и одлично платени професии во светот на глобалните финансии. Актуарите се математички суб-специјалисти високо остручени лица за проценка на ризиците и предвидување на неизвесноста во светот на финансиите. Во Македонија оваа професија се работи за плата од 850 до 1.500 евра во зависност од искуството и вештините!

Актуарите се стручњаците во осигурителни компании и во друштвата кои управуваат со пензиски фондови и тие се специјализирани да создаваат математички модели за проценка и управување со ризиците кои ги осигуруваат компаниите. Колку е ценета нивната работа докажува тоа што во последниве две децении на глобално ниво оваа професија неколку пати била прворангирана или второрангирана најпосакувана професија во светот на финансиите, а секогаш без исклучок е меѓу најпосакуваните 20 најпосакувани професии глобално.

Од АСО велат дека постои значаен интерес за пријавување со оглед на тоа што обука за актуари немало десетина години. Ова регулаторно тело подготвува нов Закон за осигурување, што треба да стапи на сила до крај на годинава, со кој ќе се подигне нивото на професијата актуар во домашната осигурителна индустрија. Тоа значи дека секоја осигурителна компанија ќе треба да вработи актуари и да воспостави актуарска функција во системот за управување со компанијата затоа што актуарите се еден од најважните контролни механизми во управувањето со ризиците.

Што се однесува до процесот на едукација за актуар значајно е да се истакне дека бара претходни солидни познавања од математика, статистика, веројатност и демографија и дека процесот трае околу две години. Во Македонија има трисетина актуари. Од АСО велат дека бројот на активни актуари е помал и не ги задоволува потребите на пазарот.

Од каде потребата за пресметувачи на ризици т.е. актуари?

Основната дејност на друштвата за осигурување е да покриваат различни видови ризици (во дејностите на неживотно и на животно осигурување). Тоа наједноставно кажано значи дека актуарите се носители на основните бизнис процеси особено во осигурителните компании. Затоа што тие треба да развијат математички модели кои ќе ги предвидуваат можните ризици врз основа на што пак менаџерските тимови на компаниите ќе ги поставуваат и ќе ги спроведуваат бизнис стратегиите на компаниите. Основата на целиот осигурителен бизнис е содржана во моделите кои ги создаваат актуарите.

Македонската осигурителна индустрија брои вкупно 16 осигурителни компании (неживот и живот) кои лани оствариле приходи од продажба на осигурителни полиси вреден 164 милиони евра. При тоа друштвата исплатиле штети на своите осигуреници по сите основи во вредност повисока од 65 милиони евра.