АСО додели награди и пофалници на ученици за цртежи и творби по повод деновите на финансиска писменост

АСО награди и пофали над 30 ученици од десетина основни  и средни училишта ширум земјава и со тоа ги започна своите едукативни активности по повод деновите на финансиска писменост кои ги организираат сите регулатори на финансискиот пазар

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) награди девет ученици и издаде пофалници на уште 27 основци и средношколци кои креираа цртежи, есеи и песни на теми поврзани со значењето на осигурувањето. Со овој настан АСО ги започна активностите по повод седмицата на финансиска писменост, а воедно успешно го реализираше јубилејниот односно десети по ред Конкурс за избор на теми по повод 1 ноември – денот на осигурувањето.

На темите „осигурувањето ме заштитува од ризици“ , „моја инвестиција – полиса за осигурување“ и „осигурувањето е моја финансиска сигурност“ годинава АСО доби повеќе од 80 трудови од ученици од десетина градови и населени места ширум земјава.

По тој повод Крсте Шајноски, претседател на Советот на екпперти на АСО ги додели наградите и признанијата на учениците и ученичките од основните и од средните училишта.

Шајноски се заблагодари на сите пристигнати творби и им порача на децата дека тие сега се партнери на АСО во ширењето на финансиската писменост и во активностите за подигање на свеста за значењето на осигурувањето како за индивудуата така и за целото општество.

Со овој настан АСО ги започна активностите со кои се одбележуваат деновите на финансиска писменост кои ги организираат сите регулаторни тела од областа на финансиите (Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување – АСО и Агенцијата за супервизија на капитално-финансирано пензиско осиурување МАПАС).

АСО во рамки на своите активности од почетокот на ноември има посети училишта во кои преку соодветни форми ќе едуцира ученици за значењето на осигурувањето, учество на ТВ емисија од едукативен формат, а ќе публикува и содржини на социјалните мрежи со изразена едукативна компонента за атрубитите на осигурителните производи и за заштитата на правата на осигурениците.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.