АСО едукативна игра-„Помалку ризик, повеќе забава”

Финансиската едукација е процес со кој осигурениците го подобруваат разбирањето за осигурителните производи и поими со цел да бидат свесни за осигурителните ризици и можности а преку добивање на информации, инструкции и совети да можат да донесат корисни финансиски одлуки кои ќе одговараат на нивните потреби.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е свесна за важноста на финансиската едукација и во рамки на своите законски надлежности за развој на пазарот на осигурување и подигнување на свеста на јавноста за улогата на осигурувањето, интегрирано делува на полето на финансиска едукација, финансиска инклузија и заштита на правата и интересите на осигурениците, како комплементарни сегменти.

Главната мисија на АСО во обидот финансиски да ги едуцира осигурениците е истите да развијат способност за разбирање на осигурителните производи и услуги, концептите и ризиците преку информирање, инструкции и советување како да развијат вештина и доверба, да станат повеќе свесни за финансиските ризици и можности, да носат одлуки на база на информираност, да знаат каде да се обратат за помош и да преземат други ефективни активности за да ја подобрат сопствената финансиска благосостојба.

АСО се труди да го презентира практичниот аспект од финансиската едукација и да делува како надополнување на формалното образование за да ги подготви младите со претприемачки способности после школувањето.

Едукативната друштвена игра „Помалку ризик – Повеќе забава“ има за цел подигнување на степенот на финансиска писменост кај младите луѓе. Важно е да се зајакнува свеста кај младите за важноста за ризиците кои не опкружуваат: важноста за осигурување на животот и имотот. Целта на оваа игра е преку забава да се поттикне свеста за ризиците и да се запознаат младите со можностите во управување со ризиците кои ги нуди осигурувањето во различни фази од животот.

Играта се игра на различни нивоа:

Ниво1 (за лица до 12 години). Учесниците треба да ги идентификуваат ризиците и да размислат како да ги избегнат или барем минимизираат.

Ниво 2 (за лица со познавање на осигурителниот сектор). Учесниците треба да истакнат како може да се осигуруваат себе си од можните ризици (на пример со пренесување на ризикот преку склучување на договор за осигурување).

Суштината на играта за двете нивоа е да се разговара за разните ситуации и вклучените ризици со цел да се разменат искуства и перспективи. Младите треба да се поттикнуваат да пробуваат нови работи, но истовремено да ги знаат можните ризици, да научат како да се справат со нив и со тоа да ги надминат. Играчите во играта се стекнуваат со различни улоги, како на пример улога: на дете, тинејџер, млада возрасна личност, родители, баба, дедо. Играчите преку влечење на карта добиваат улога, ја анализираат конкретната ситуација и презентираат предлог решение кое носи поени од 0-3. Поените се собираат, за секој добиен поен играчот се поместува за едно поле напред.

„Помалку ризик – Повеќе забава“ има за цел играчите низ игра да поминат низ различни фази на животот и преку разновидни ризични ситуации да поминат со што помали претрпени штети од ризикот и да ја постигнат крајната цел, да ја подобрат својата благосостојба, да остарат здраво и среќно.

Играта е само еден сегмент од долгогодишната работа за финансиска писменост на младите во областа на осигурувањето што АСО ја прави заедно со друштвата за осигурување.

АСО со години наназад спроведува активности во доменот на финансиска едукација и подигнување на свеста за осигурувањето воглавно насочени кон младата популација и исто така, преку едукативни содржини обезбедува подигнување на свеста на целокупната јавност за придобивките од осигурувањето.

Промовирањето на свеста на јавноста е клучна бидејќи придонесува не само за стимулирање на побарувачката туку и за промоција и развој на осигурувањето и обезбедува заштита на потрошувачите од потенцијални ризици.

Во овие рамки од исклучителна важност, и останува трајна заложба на АСО е континуираното зголемување на свесноста на друштвата за осигурување и посредниците во осигурувањето за потребата од нивни активности и иницијативи заради едуцирање и подетално информирање на клиентите за сите аспекти поврзани со осигурителните производи и услуги, фер третман кон осигурениците не само при купување на договорот за осигурување исто така, и во текот на сервисирање на договорот и кога ќе произлезат обврските за надомест и исплата на штета. Додека посредниците во осигурувањето да ја вршат својата улога на професионален начин и транспарентно, односно да ја користат својата улога во промовирање на довербата на јавноста во осигурителниот сектор и во промовирање на финансиската свесност.

Ги покануваме заинтересираните основни и средни училишта, факултети, да не контактираат доколку сакаат да обезбедат примерок од играта бидејќи истата овозможува унапредување на знаењето на младите за финансиските поими, обезбедува да бидат свесни за финансиските можности и ризиците со цел сигурно да ја планираат својата иднина.

Упатство за играта