Започнува Глобалната недела на парите 2023: „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина!“

Финансиските регулатори во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, единаесетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите што оваа година ќе се одржи од 20 до 26 март 2023 година.

Годинешнава тема „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина!“ (Plan your money, plant your future) се фокусира на одржливоста, и подигнувањето на свеста од импликациите на индивидуалното финансиско однесување не само врз финансиската иднина, туку и врз животната средина и општеството. Учесниците на Глобалната недела на парите можат на оваа тема да учествуваат во активности преку кои ќе се потенцира важноста на финансиските одлуки за социјална, економска и финансиска одржливост. Оваа тема ги поттикнува младите луѓе при нивните финансиски одлуки да гледаат долгорочно и да го имаат во предвид влијанието врз животната средина и општеството.

Активностите за време на Глобалната недела на парите годинава главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од
основните и од средните училишта од нашата земја, како и факултетите, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на
финансискиот систем.

На  светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции.

Следете не на едукативниот портал https://edukacija.aso.mk/, нашата веб страна www.aso.mk, и на социлалните мрежи ( facebook, linkedin, Instagram). Повелете, приклучете се и проширете ги своите знаења од областа на осигурувањето.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите на врската: globalmoneyweek.org